Албанскиот претседател Илир Мета потпиша уредба со која на лидерот на владејачките социјалисти Еди Рама му го додели мандатот за формирање влада.
Уредбата, Мета ја потпишал синоќа веднаш по конституирањето на Парламентот и стапува во сила веднаш, јави МИА од Тирана.
Рама сега има рок од 10 дена до Собранието да достави состав и програма на владата, кое треба да ги стави на дневен ред.
Последниот збор околу министрите сепак го има Мета кој треба да потпише уредби посебно за секој од нив, во рок од 7 дена од доставувањето на известувањето за тоа. Уставно право е на претседателот да не потпише уредба за некој од предложените министри.
Уредбите одобрени од претседателот повторно ги донесува Собранието во рок од 10 дена. Пред да ја преземе функцијата, премиерот, вицепремиерот и министрите ќе положат заклетва пред претседателот на државата.
Рама неодамна го објави составот на новата влада во која од 16 министерски места, 12 ќе ги заземат жени.