Албанскиот премиер Еди Рама, кој е и лидер на Социјалистичката партија (ПС), задоволен е од постигнатиот договор меѓу координаторите на пратеничките групи околу датумот за избор на претседател на државата, додавајќи дека „доколку Демократската партија (ПД) предложи прифатливо име, ќе има целосна поддршка од ПС“, јави дописничката на МИА од Тирана.
– Не седнуваме на маса со предрасуди. Ние ќе судиме за имиња и нема да прејудицираме од каде доаѓаат предлозите, сè додека седиме на маса со други партии, кои не се на иста линија на фронтот со нас, а се соочуваат со нас на политичката арена. Доколку дадат соодветна кандидатура, ќе има 100 отсто поддршка од нас, но ако нема, ќе ги дадеме нашите предлози, изјави Рама пред партиското седиште.
Тој додаде дека во случај предлогот да биде на социјалистите тогаш „ќе има 100 или 0 отсто поддршка“, но, како и да е, како што рече, „го имаме доволниот број пратеници да изберат нормален претседател“.
– Ако не, на крајот, благодарение на неопходните уставни измени кои беа направени во 2008 година и кои се покажуваат се повредни за понатамошниот напредок на земјата, во Парламентот имаме повеќе од 71 глас и Албанија ќе има нормален претседател, кој доследно ќе го замени актуелниот, кој е најскандалозниот претседател во историјата на земјата, изјави Рама.
Официјално изборниот процес ќе почне на 10 мај, а на 16. ќе се одржи првиот круг на гласање во Парламентот.
Албанскиот законодавен дом брои 140 пратеници. Според Уставот се спроведуваат неколку круга на гласање. Во првите три, предложен кандидат за да стане шеф на државата треба да добие поддршка од две третини од пратениците, односно 84 гласови, што во моментот ги нема владејачкото мнозинство. Во четвртиот потребно е просто мнозинство од пратениците, односно 71 глас.
Мандатот на актуелниот претседател Илир Мета завршува на 24 јули.