Со покачувањето на минималната плата треба да се зголемат и останатите плати на вработените во однос на коефициентот на сложеност, вели Благоја Ралповски, претседател на Конфедерација на слободни синдикати (ККС). Ако минималната плата е 15000 денари, тогаш наставниците мора да земаат 37000 денари.

– Ние излегувавме на улиците и баравме усогласување на платите согласно минималната плата. Ако еден наставник во основно образование, при основна плата со колективен договор додека беше 9.300, неговиот коефициент на сложеност е 2.503 и земал 20 илјади денари плата, сега доаѓаме до ситуација во која минималната плата треба да се поможи со тој коефициент и еден наставник да зема 37 илјади денари плата. Тоа важи и за административните службеници и за вработените во јавните претпријатија и за акционерските друштва коишто ги формираше државата, а верувајте никаде по вертикала не се усогласени платите. И доаѓаме до еден хаос на урамниловка кој државата го направи и сега не знае да го реши и бара помош од приватниот сектор за да се покачи минималната плата на 18 илјади денари. Ние велиме „да“ за да се покачи минималната плата, но државата треба да субвенционира на своите 70-80 илјади работници да им помогне за да може да го добијат она што го заработуваат, вели Ралповски во интервју за Радио Слободна Европа.