Ракометната репрезентаcија на Македонија денеска (15.30 часот) ги продолжува настапите во втората рунда од Светското првенство во Египет против добро познат ривал, Словенија кој ќе ја има фаворитската улога.
Избраниците на селекторот Данило Брестовац пласманот во втората рунда го обезбедија со победата над Чиле од 32:29, додека загуби од Шведска (20:32) и Египет (19:38). Од друга страна, Словенција во својата група остварија две победи, над Јужна Кореја (51:29) и Белорусија (29:25), а загубија од Русија (25:31).
– За Словенија нема што многу да се објаснува за неа како селекција. Репрезентација, која вади најмногу средни напаѓачи во европски, светски рамки. Една стручна школа за ракомет, која вади таленти како на сериско производство. Искрено, малку ме плашат нивните два пикера. Во првата група не игравме против висок пикер, а кај Словенија и двајцата се големи, високи и ќе ни прават проблеми. Да, се согласувам дека средните бекови се носители, ама некако повеќе ме фаќа страв од пивотмените. Правиме анализи, сериозно се подготвуваме и се договараме. Јас сум оптимист дека можеме да одиграме добро – вели селекторот Брестовац, кој во Египет понесе подмладена репрезентација.
Македонија и Словенија досега играле седум натпревари меѓу себе, Словенците славеа на три, нашите ракометари на два, а исто така два натпревари завршија без победник.
Последната пресметка се играше на почетокот од минатата година, на подготовките пред настапот на ЕП и Словенија победи со 33:28.