„Мило ми е што имавме многу искрен и конструктивен разговор со претседателката на РСМ во пријателска атмосфера. Мислам дека ова е навистина добар почеток за целосно да и помогнеме на РСМ за да може побрзо да ги започне преговорите за членство во ЕУ. Очекувам оваа искажана желба за отвореност и конструктивизам да ја преземе и владата на РСМ“, истакна денеска бугарскиот претседател Румен Радев, кој беше гостин на училиштето „Алберт Ајнштајн“ во Софија, по повод првиот учебен ден во Бугарија, пренесува Трибуна.

„Заедно со сите официјални протоколарни церемонии, тоа ќе придонесе и за понатамошен развој на нашите односи. Протоколот е јасно поставен, нѐ посети претседателката на РСМ, ако го следиме протоколот – во ред е сега јас да одам. Таа изрази таква желба, но јас ќе чекам официјална покана“, додаде шефот на државата.

Претседателот го коментираше и случајот со бугарскиот амбасадор во Скопје поради македонското знаме при посетата на Гордана Силјановска-Давкова во Софија. Според него, посетата не била ниту државна, ниту работна. Румен Радев очекува да има официјална средба.

„Не мислам на никаква провокација, нема како да се шпекулира за некакви провокации. Мислам дека овие работи ќе исчезнат. Ова е преголема концентрација на формата, а не на содржината. Она што е важно е што правиме од сега па натаму за да ѝ помогнеме на PCM. Проблемот на РСМ не е со Бугарија, туку со почетокот на спроведувањето на преговарачката рамка“, рече тој.