Бугарија нема да отстапи од заштитата на правата на Бугарите кои живеат во Северна Македонија. Ова го изјави претседателот Румен Радев во Загреб на заедничка прес-конференција со неговиот хрватски колега Зоран Милановиќ, јавува BgOnAir, пренесува Трибуна.

Шефот на бугарската држава беше дециден дека РСМ сама се сопира на патот кон ЕУ, затоа што не сака да ги исполни критериумите за членство.

„Сè уште чекаме РСМ да исполни еден јасно запишан услов кој ќе ја отвори вратата за почеток на преговорите. А тоа е гарантирање на еднаквоста на Бугарите во оваа држава преку нивно впишување во Уставот заедно со останатите државотворни народи. До европските институции и лидерите на земјите членки испраќаме јасна порака дека ние не поставуваме никакви нови услови надвор од веќе договорените, но инсистираме сè што е договорено да се почитува“, изјави Радев, цитиран од Бугарското национално радио.