„Верувам дека сојузничките односи меѓу Бугарија и САД ќе продолжат да се развиваат за доброто на нашите народи и врз основа на нашите заеднички интереси и високата одговорност за унапредување на глобалниот мир и безбедност,“ ова го истакнува претседателот на Бугарија, Румен Радев, во честитката упатена до претседателот на САД, Доналд Трамп, во која упатува желби до него и американскиот народ за здравје и успеси по повод Денот на независноста на земјата – 4 јули, пренесува БГНЕС.

Во писмото, бугарскиот претседател го изразува своето задоволство од нагорниот развој на стратешкото партнерство меѓу Бугарија и САД, споделувајќи уверување дека плодната соработка меѓу двете земји ќе продолжи во сите клучни области од заеднички интерес на бугарскиот и американскиот народ.

Како приоритети, Радев ги издвојува поттикнувањето на билатералната трговија и инвестициите, развојот на соработката во сферата на безбедноста и одбраната, енергетиката, високите технологии и вештачката интелигенција, како и контактите меѓу граѓаните на двете држави.

Румен Радев ја нагласува и важноста од постигнување резултати по клучни прашања од заедничката агенда, меѓу кои е и вклучувањето на Бугарија во Програмата на САД за патување без визи, што, според него, би придонело за нов силен поттик во стратешкиот дијалог меѓу Бугарија и САД во интерес на двете земји.