Европската перспектива на Северна Македонија е една од темите за кои разговарале претседателите на Бугарија и на Германија, Румен Радев и Франк-Валтер Штајнмаер на работата средба во Стразбур, на која бугарскиот претседател кажал дека со земјава очекува активен билатерален дијалог на високо ниво во кој ќе се решат спорните прашања во билатералните односи.
Како што објави БНТ, Радев изјавил дека Северна Македонија треба да покаже европска зрелост и почитување на вредностите на Европската Унија со преземање конкретни активности за запирање на говорот на омраза кон Бугарија во учебниците по историја, државните и научните институции, во медиумите, за да се запрат фалсификувањата на бугарското културно-историско наследство и особено за почитување на правата на своите граѓани, кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет.
На средбата, меѓу другото се разговарало и за прашањето за влегување на Бугарија во Шенген зоната, за што како што рекол Радев, земјата постигнала техничка подготвеност уште во 2011 година.
Двајцата претседатели, исто така се согласиле дека Европската Унија треба да биде многу поактивна во барањето мирно и одржливо решение за кризите во соседните региони, кои се и причина за зголемениот миграциски притисок врз Европа.