Бугарскиот претседател Румен Радев јавно реагираше на судската пресуда против Љупчо Ѓоргиевски, претседател на дерегистрираното здружение Културен центар „Иван Михајлов“ од Битола, нарекувајќи ја „апсурдна“ и етнички мотивирана. Во објава на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Facebook, Радев ја обвини Република Северна Македонија дека спроведува политички и етнички прогон, што, според него, е недопустливо за држава која се стреми кон членство во Европската Унија, јавува Трибуна.
„Апсолутно недозволиво е држава кандидат за членство во ЕУ, каква што е РСМ, која гласно афишира дека ги има исполнето сите критериуми за членство, да спроведува судско гонење врз етничка основа, како што е случајот со Љупчо Ѓоргиевски.“
Радев истакна дека повторно го пречекал Ѓоргиевски во претседателската институција во Софија, оценувајќи го како храбар човек и активист кој се залагал за правата на Бугарите во РСМ.
„За мене е задоволство повторно да го пречекам во претседателската институција храбриот Бугарин и државјанин на РСМ Љупчо Ѓоргиевски, претседател на дерегистрираното здружение Културен центар ‘Иван Михајлов’ – Битола, против кого пред една недела судот во РСМ изрече пресуда по апсурдното обвинение за ширење омраза, ксенофобија и дискриминација. Уште повеќе, во тек е подготовка на ново, уште поапсурдно обвинение против Љупчо Ѓоргиевски.“
Тој потсети дека уште во времето кога се случувале напади врз бугарските културни центри во РСМ, неговата институција била првата што им дала поддршка, додека, како што рече, македонскиот суд не покренал ниту едно сериозно обвинение против напаѓачите.
„Претседателската институција прва го прими Љупчо Ѓоргиевски и неговите соборци во време на континуирани репресии, кога врз бугарските културни центри во РСМ се пукаше, кога беа опожарувани, кога нивни активисти беа тепани. Тогаш истиот тој суд во РСМ не покрена ниту една аргументирана постапка против очигледните сторители, што претставува јасен показател за молчаливиот и благонаклонет однос на властите на РСМ кон антибугарските испади.“
Радев ја реафирмираше својата поддршка кон Ѓоргиевски, оценувајќи ја како „неизменета позиција“ на институцијата што прва го отворила прашањето за правата на Бугарите во Северна Македонија.
„Мојата поддршка кон Љупчо Ѓоргиевски останува непроменета како став на институцијата која прва го отвори прашањето за правата на Бугарите во РСМ. Претседателската институција го постави ова прашање пред нашите европски партнери и институции, ја изнесе тезата за впишување на Бугарите во Уставот на РСМ како државотворен народ и како јасен и задолжителен услов за отпочнување на преговори за членство во ЕУ и ја бранеше оваа позиција сè до нејзиното вклучување во преговарачката рамка.“
Тој упати директен апел до бугарските институции и политичари да заземат активна и јасна позиција во одбрана на Бугарите во Северна Македонија.
„Ги повикувам бугарските институции да излезат со активна поддршка за Љупчо Ѓоргиевски и за правата на Бугарите во РСМ. Очекувам континуирана работа со нашите партнери од ЕУ и НАТО, Советот на Европа, ОБСЕ и другите меѓународни институции за осветлување и спречување на манипулации и дискриминации кон Бугарите во РСМ и кон Бугарија.“
Претседателот Радев, исто така, го коментираше одложеното усвојување на нацрт-извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, посочувајќи дека истиот бил компромитиран со прекршување на правила и неетичко однесување.
„Да не бидеме повторно сведоци на скандалозни нацрт-документи како оној на Европскиот парламент за подготовката на членство на РСМ во ЕУ, чие усвојување беше одложено поради утврдени прекршувања на правилата и етиката, со бројни нерегуларни средби на главниот известувач со политичари и експерти од РСМ. Очекувам ова прашање да остане во фокусот на бугарските политичари и институции.“
Објавата на претседателот Радев заврши со недвосмислена порака: За да продолжи европскиот пат на Скопје, неопходно е вистинско почитување на човековите и малцинските права – не декларативно, туку во пракса.