Македонскиот пат кон Европската Унија води преку Софија, а не низ обиколки во европските метрополи. Македонија до минатата година уживаше безусловна поддршка од Бугарија, но таа се промени кога увидовме дека Договорот за добрососедство не се спроведува.

Токму затоа потребна е негова промена е ставот на бугарскиот претседател Радев.

„Сум имал критики за тој Договор, но еве кажувам. Ние сме две држави, ние сме браќа и договорот беше добронамерен. Но кога се виде, еве веќе една година дека тој не се спроведува, реков – потребен е анекс. До тогаш имавме една единствена политика. Безрезервна поддршка за Македонија и за Западен Балкан. И таа постоеше до септември 2019 година”

Низата негодувања од Софија сега би можела да биде проширена и со прашањето на речиси 90 илјади Македонците кои имаат бугарски пасош. Според бугарскиот историчар и универзитетски професор Дечев, ова не би требало да прерасне во сериозна пречка во односите, а она што повеќе загрижува се чуствата на една друга група на луѓе кои живеат во Македонија.

„За мене не се интересни тие 90 илјади, за мене се поинтересни тие македонски граѓани кои реално се чуствуваат како Бугари…кај нив има големо разочарување…тие луѓе Бугарија ги губи…”

Одбивањето на Чешка и на Словачка да ги прифатат бугарските барања во заклучоците за проширувањето на ЕУ, според Дечев, не е случајно. Бугарија не предвиде дека присвојувањето на Кирил и Методиј ќе предизвика реакција, а токму овие две земји се избрани да послужат како пример во решавањето на билатералните спорови.

Најавите на министерката Захариева дека не може да се очекува промена на бугаската политика во брзо време за Дечев се реални, бидејќи како што вели, ќе биде тешко и за некоја идна влада да отстапи од зацртаните позиции кои се преточени во Декларација која е изгласана во Парламентот.