Претседателот на Бугарија, Румен Радев, во врска со експлозијата на полската територија, изјави дека инцидентот во Полска, кој доведе до загуба на човечки животи, е неприфатлив, претставува ризик за дестабилизација на целиот регион и за проширување на територијалниот опсег на војната на Русија против Украина, јави дописникот на МИА од Софија.

Според Радев, „потребно е итно расветлување на овој опасен случај и преземање соодветни мерки“.

– Секој ден од оваа војна ја уништува иднината на Европа и на светот, рече Радев.

Тој смета дека одржувањето на современите одбранбени капацитети и зачувувањето на единството во Алијансата се од клучно значење за зачувување на мирот.