Претседателите на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и на Република Бугарија, Румен Радев, заеднички ќе оддадат почит на делото на Светите браќа Кирил и Методиј во Рим.
Како што соопшти кабинетот на претседателот, двете делегации ќе отпатуваат заедно во Италијанската Република и на 27 мај претседателите Пендаровски и Радев ќе положат цвеќе во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што во IX век Папата Адријан Втори ги благослови азбуката и книгите напишани од Светите браќа Кирил и Методиј.
Делегациите на двете земји, предводени од Пендаровски и Радев заедно со бугарски авион, ќе патуваат за Рим. Претседателот Радев ќе допатува во Скопје и по кусата средба со претседателот Пендаровски на скопскиот аеродром, заедно со група бугарски и македонски новинари ќе отпатуваат за Рим, информираат од кабинетот на Пендаровски.
Според програмата македонската делегација, предводена од Пендаровски и бугарската, предводена од Радев ќе имаат одвоени средби со поглаварот на Римокатоличката црква, Франциск.
Црковната делегација на МПЦ-ОА, пак на 24 мај, на Денот на сесловенските провестители, предводена од владиката Пимен, ќе замине за Рим, каде ќе чиноначалствува со молебен на гробот на Св. Кирил во чест на сесловенските просветители.
Државните делегации на двете земји веќе неколку години заедно оддаваат почит на Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, положувајќи цвеќе кај базиликата „Санта Маџоре“ како и на гробот на свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим и Ватикан. Пендаровски и Радев лани ја откажаа посетата на Рим и Ватикан по повод чествувањето на Св. Кирил и Методиј поради влошената состојбата со пандемијата на Ковид-19.
Чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј со различни манифестации се одржува секоја година, а меѓу нив централно место има поклонението на гробот на св. Кирил во базиликата „Св. Климент“ во Рим. Првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на свети Кирил, и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.