Бугараскиот претседател, Румен Радев, денеска ги почна политичките консултации со парламентарните партии од новоизбраниот парламент, две недели по парламентарните избори во земјата. Како што јави дописникот на МИА од Софија, први во зградата на претседателството дојдоа претставниците на партијата ГЕРБ, првата политичка сила во Бугарија по парламентарните избори одржани на 4 април.
По средбата претседателката на парламентарната група ГЕРБ-УДФ, Десислава Атанасова, изјави дека тие се подготвуваат и да владеат и да бидат во опозиција, како и за привремена влада.
По нив, на средба со Радев се појави заменик претседателот на „Има таков народ“, Тошко Јорданов, кој кажа дека партијата ќе ги објави своите намери откако ќе добие мандат за формирање влада.
Претседателот Радев ја потсети партијата „Има таков народ“ дека доколку владата на ГЕРБ-УДФ не биде прифатена во бугарскиот Парламент или таа воопшто да биде поднесена како предлог, одговорноста доаѓа на нив, барајќи да слушне под кои услови тие би формирале влада.
По „Има таков народ“, претседателот на Бугарија ја прими и делегацијата на БСП. За време на средбата со нив, бугарскиот претседател не ја исклучи можноста да им го предаде мандатот и побара да знае дали се подготвени за тоа. Лидерката на социјалистите, Корнелија Нинова, коментира дека со оглед на тешката ситуација, таа смета дека Бугарија треба да има стабилна влада и кажа дека доколку нејзината партија добие мандат, раководството на БСП ќе се состане и ќе одлучи што да прави во оваа ситуација. Таа го повтори ставот на бугарските социјалисти дека тие ќе ја поддржат владата на „Има таков народ“, но под одредени услови- да не учествуваат во нензината работа.