Во дијалогот со Република Северна Македонија, Бугарија ги брани не само националните интереси, туку пред се вредностите на Европската унија, кои се темелат на демократија и почитување на човековите права, изјавил бугарскиот претседател Румен Радев во телефонски разговор со претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмаер.
Како што јавува прес службата на претседателот Радев разговорот го иницирал германскиот претседател во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи на 5 и 6 октомври во Словенија.
„Целиот регион ќе има корист од напредокот во процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија, истакнал Радев и додал дека Бугарија очекува конкретни резултати во однос на човековите права во Македонија, што ќе го забрза овој процес.
„Во моментов, во тек е попис во Република Северна Македонија и Бугарија прима голем број сигнали за притисок врз луѓето кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет, што е неприфатливо за земја која аплицира за членство во ЕУ“, потенцирал Радев, јавува неговата прес -служба.
Радев истакнал уште дека бројните декларации и ветувања дадени од државниот врв на Република Северна Македонија кон Бугарија во текот на годините остануваат неисполнети, вклучувајќи го и билатералниот договор за пријателство, добрососедство и соработка потпишан во 2017 година.
„Затоа нашата земја инсистира на правно обврзувачки гаранции во билатералниот дијалог од страна на РС Македонија“, додал бугарскиот претседател.