„Декларациите и ветувањата во дијалогот со Република Северна Македонија повеќе не функционираат и Бугарија очекува јасни правно обврзувачки решенија што ќе доведат до одржливи и неповратни резултати. Само реалните резултати во дијалогот со Бугарија ќе го забрзаат процесот на европска интеграција за Република Северна Македонија“, изјави претседателот на Република Бугарија Румен Радев, за време на состанокот со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
Румен Радев потсети дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Северна Македонија потпишан во 2017 година не се спроведува од официјалната власт во Скопје и се уште не се решени проблемите со говорот на омраза со наметнувањето на лажна слика за Бугарија во учебниците, музеите и спомениците и со правата на граѓаните на земјата кои отворено ја изразуваат својата бугарска самосвест.
Заеднички став на Радев и Вархеји е дека во процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан и за решавањето на спорните прашања, најважен е директниот и отворен дијалог. Оливер Вархеи ќе ја посети и Република Северна Македонија, каде ќе оствари средби со раководството на земјата.
Румен Радев истакна дека 120.000 бугарски државјани во Република Северна Македонија се државјани и на Европската унија и Бугарија се потпира на поддршката на европските институции за ефективното почитување на нивните права.