Претседателот на Бугарија, Румен Радев, изјави дека земјата останува активен двигател на процесот на проширување на Европската унија и целосно ги поддржува своите соседи на нивниот европски пат, но нагласи дека напредокот мора да се заснова на сопствени заслуги.
„Го повикав унгарскиот претседател Тамаш Шујок, имајќи предвид пријателските односи меѓу Унгарија и Северна Македонија, да ги убеди нашите браќа дека промената на Уставот и европскиот консензус се неопходни услови за членство во ЕУ,“ изјави Радев по средбата со својот унгарски колега, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
Радев оцени дека средбата била „одлична можност за продолжување на конструктивниот дијалог“, нагласувајќи ги вековните историски и културни врски меѓу двете земји.
Тој истакна дека партнерството меѓу Бугарија и Унгарија е пример за успешна соработка, при што Унгарија е меѓу водечките странски инвеститори во Бугарија, а трговската размена постојано расте.
„Во рамките на ЕУ споделуваме слични позиции – поврзаноста е клучен фактор за економски развој,“ додаде Радев.
Претседателот ја нагласи и важноста на енергетската соработка, особено во делот на новите интерконектори и диверзификацијата на гасните извори, што, како што рече, „се оценува со благодарност од унгарската страна“.
Радев изрази благодарност за поддршката на Унгарија во однос на бугарското членство во Шенген и за грижата за зачувување на споменот за бугарските војници од Втората светска војна.
Тој истакна и значењето на бугарската заедница во Унгарија, која, според него, има важно место во билатералните односи, и му се заблагодари на претседателот Шујок што во својата делегација вклучил претставници на тие организации.
„Само пред неколку дена, бугарската градинарска традиција беше впишана во регистарот на нематеријално културно наследство во Унгарија,“ потсети Радев.
Во однос на војната во Украина, Радев ја повтори својата позиција дека мирот може да се постигне само преку дипломатија, во контекст на најавената средба меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, во Будимпешта.