Бугарија и Албанија ќе продолжат да придонесуваат за зајакнување на безбедноста и стабилноста во регионот. Ова го истакна претседателот Румен Радев, кој на амбасадорката на Албанија во Бугарија Доника Хоџа ѝ го врачи орденот „Мадарски коњаник“ прв степен, јавува прес-службата на бугарскиот претседател.

Таа ја доби државната награда за заслуги во развојот на односите меѓу двете земји.

Претседателот Румен Радев ги истакна добрите односи меѓу Албанија и Бугарија на сите нивоа – од воената трговска и економска размена во последните години, како и успешната работа на двете земји на изградбата на стратешкиот коридор број 8, кој е клучен за безбедноста во регионот во услови на војна и кризи.

Радев истакна дека и големата бугарска заедница во Албанија придонесува за добрите односи меѓу двете земји:

„Очекувам дека Владата на Албанија и сите институции ќе продолжат да обезбедуваат поволна средина за нашата голема заедница за да може да ја зачува својата историја, култура, јазик и традиции. Ова е важен мост за зајакнување на целосните врски меѓу нашите два пријателски народи“.

Истиот став го сподели и амбасадорката на Албанија, Доника Хоџа:

„Бугарското малцинство во Албанија е силен мост во консолидирањето на нашите традиционални историски пријателски односи. Тирана очекува Софија да продолжи со својата поддршка за Албанија на нејзиниот пат кон Европската унија“.

Двете земји ги зајакнуваат и одбранбените врски. Доказ за тоа е присуството на албанскиот контингент на полигонот Ново Село во рамките на мултинационалната борбена група на НАТО во Бугарија.

„И верувам дека со нашата заедничка визија за развој на регионот и со нашите заеднички европски вредности, ние, од двете страни на Западен Балкан, ќе продолжиме да придонесуваме за зајакнување на регионалната безбедност и стабилност“.

Албанскиот претседател Бајрам Бегаи се очекува да ја посети Бугарија во декември, информираат од прес-службата на бугарскиот претседател.