Радарот на Скопскиот аеродром утрово повторно е ставен во функција и проблемот е решен за само три дена. Сите безбедносни протоколи се испочитувани овие денови и сообраќајот се одвива безбедно. Проблемот постои триесетина години, зошто претходната Влада седум години не го решила проблемот и зошто не е инсталиран новиот радар кој е набавен, – истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, при денешната работна посета на Кавадарци.

„Од утрово имаме целосно функционален радар на Скопскиот аеродром и на тој начин проблемите се решени. Проблемот успеавме да го решиме во рекордно време од само три дена и уште повеќе да детектираме една работа која што можеби не и беше позната на јавноста, а тоа е дека и досега, седум години наназад, овој радар работел само со еден канал. Во овие три дена, со заедничка координација, на повеќе ресори од Владата, како и со активна работа на раководството на М-НАВ, како и во пријателска работа и помошта од контролата за летање од Бугарија, како и Владата на Италија успеавме да најдеме решение и сега двата канали се во функција”, истакна Николоски.

„Сите безбедносни протоколи беа испочитувани овие три дена и гледате дека најнормално слетуваа и полетуваа авиони од сите авио компании и така ќе продолжи да биде и во иднина” додаде Николоски.

Посочи дека моменталниот радар е 27 години стар и за истиот престанале да се произведуваат делови уште пред седум години. Исто така праша зошто претходната Влада на СДСМ не го инсталирала новиот радар кој е набавен, пристигнат во Скопје и стои во депо. Тој ја повика опозицијата да не шири паника помеѓу граѓаните.

„Навистина е на раб на чудо како успеавме да набавиме резервни делови. И во исто време да прашам, зошто претходната Влада на СДСМ не го инсталираше целосно новиот радар кој што е пристигнат во Скопје од компанијата “Леонардо” и стои немонтиран. Еве да најавам дека на следната седница на Влада во вторник, ние ќе донесеме одлука со која што ќе пристапиме кон монтирање на истиот”, рече Николоски.

Текстот Радарот на Скопскиот аеродром е целосно функционален, за само три дена решивме проблем кој траел 30 години, вели Николоски е превземен од МАКФАКС.