Стоте поранешни работници на штипската фабрика за чевли АД „Баргала“ денеска во регионалната канцеларија на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) се потпишаа на полномошно со кое го овластуваат синдикатот да ги застапува во судската постапка. Весна Кузманова-Тодоровска од ССМ вели дека ова е чекор за воведување на стечајна постапка за „Баргала“.
– Ние уште од утринава ги уплативме средствата, односно ССМ уплати околу 25.000 денари, за да може во судот да почне стечајната постапка. Така денеска работниците потпишуваат полномошно за ССМ да ги застапува пред судот, изјави Кузманова-Тодоровска.
Барањето за стечајна постапка за АД „Баргала“-Штип е доставено во Основниот суд – Штип, а предметот е распределен кај судија, кој деновиве треба да одлучи или ќе го отфрли барањето за почнување на стечајната постапка за овој чевларски гигант, кој до пред неколку години вработуваше и над 1.000 работници.
Пред десеттина дена, сто работници на „Брагала“ добија отказни решенија од страна на работодавецот. Отпуштените работници бараат да им се исплатат и две неисплатени плати.