Во време на енергетска криза, државната компанија за производство на струја АД ЕСМ или поранешно ЕЛЕМ склучи спогодба и договор во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас со Марковски Компани, во вредност од 1,5 милијарди денари или скоро 19 милиони евра, објави Фокус.

Според официјалните податоци, се работи за рамковна спогодба со еден економски оператор за период од 12 месеци, која се однесува за „проширување на изработка на усек за раздвојување во ПК ПЈС“, врз основа на која, пак, потоа е склучен и договор меѓу АД ЕСМ и Марковски Компани.

Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија е основана во 2002 година, со паричен влог од 2.500 евра. Сопственик на друштвото, чија основна дејност е изградба на објекти од нискоградба, е битолчанецот Борче Марковски, кој воедно е и управител.

Инаку, тој своевремено се врати во земјава по неколкугодишен престој во Србија, а во 2016 година беше избран за почесен конзул на Белорусија во Македонија. По тој повод, се случи едно од ретките појавувања на Марковски во јавноста, кога порача дека ќе даде максимален придонес за зајакнување на билатералната соработка меѓу двете држави.

Пред само неколку дена ЕСМ објави дека ќе спроведе мерки за штедење, односно неколку работници ќе испрати на принуден одмор поради енергетската криза.