Работната група за уставни измени се очекува в среда или во четврток да ја одржи првата седница, потврдија за МИА од Министерството за правда.
Експертската работна група, како што информираа од Министерството за правда ќе ја сочинуваат Сали Мурати – поранешен претседател на Уставен суд, Маргарита Цаца Николовска – поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Бајрам Положани – поранешен уставен судија и професор по уставно право, Бранко Наумовски – поранешен претседател на Уставен суд, Јетон Шасивари – професор на Универзитетот на ЈИЕ, Ана Чупеска – професор на Правен факултет „Јустинијан Први”, Елена Михајлова Стратилати – професор на Правен факултет „Јустинијан Први”, Беса Арифи – професор на Универзитетот на ЈИЕ, Јагода Митревска – професор на Меѓународен Славјански Универзитет и Марија Пандевска – професор на Институт за национална историја.
Партиите за членови во Работната група за уставни измени ги предложија Цветанка Иванова од СДСМ, Арбр Адеми од ДУИ, Ремзи Мехмеди од Алијанса на Албанците, Соња Мираковска од НСДП, Нано Ружин од ЛДП, Христа Најданов од ДОМ, Темелко Ристески од Партијата на пензионери, Раметула Куќи од ДПА, Еран Куртиш од Партијата за движење на Турците и Бејџан Илјас од Демократската партија на Турците.
Од институциите предложени се Александар Спасов од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Драган Тилев од Секретаријатот за европски прашања и Шпенд Садики од Министерството за надворешни работи.
Списокот на Работната група ќе се дополнува во наредниот период и со други членови кои ќе дадат свој придонес во подготовката на уставните измени.
Ова работно тело е формирано од Министерството за правда кое е задолжено од Владата да ја подготви предлог иницијативата за потребата од уставни измени. Владата е предлагач на уставните измени. Откако ќе се подготват измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието.
Паралелно ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека темата за уставни измени за ВМРО-ДПМНЕ е затворена.
-Откако вистински експерти не прифатија да членуваат во работната група која ќе ги пишува амандманите, Ковачевски собрал луѓе кои ниту се експерти, ниту имаат искуство од областа, но затоа имаат сомнителни политички конекции, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ го повикаа Мицкоски да престане да омаловажува професори и да понесе морална одговорност оти не учествува во ниту една државна одлука.
– Заложникот Мицкоски не учествуваше во ниту една државна одлука, седи на страна и работи против ЕУ. Промашените пропаганди на ВМРО-ДПМНЕ и Левица се на штета на македонското општество и европскиот пат на земјата и СДСМ ќе ги разобличува секој ден, велат од СДСМ.
За отварање на Уставот неопходно е во Парламентот да гласаат најмалку 80 пратеници.