Податоците од пописот во 2021 година покажуваат дека населението во земјава старее, се намалува процентот на млади, а значителен број од нив заминуваат од државава. Треба да се креираат политики кои се прифатливи и применливи за нашите услови и насочени кон целните групи, беше укажано на денешната работна средба на собранискиот Клуб за младински прашања и политики, наменета за координирање на државните институции за актуелни младински политики.

Пратеничката Моника Зајкова, претседателка на собранискиот Клуб за младински прашања, рече дека во државава имало низа мерки – за раст на наталитетот, Младинска гаранција, Младински додаток, но, рече, не се постигнува целта кога уште од 18 години младите размислуваат само како да заминат надвор  од државата.

-Тоа значи дека недоволно се стимулирани од сето тоа што го прави државата. А и самите институции се во конфузија што спаѓа под мерки за млади. Најчесто ги ставаат во исти кош со субвенции како што се доделуваат за велосипеди, за најдобар спортист во општината, за градинки…, а знаеме дека не е тоа целта и не ги опфаќа исклучиво младите, рече Зајкова. Додаде и дека треба да се утврдат параметри  со што трошењето на парите од централниот и локалните буџети ќе биде за реални потреби.

Блажен Малески од Регионалната канцеларија за младинска политика за Западен Балкан, смета дека треба да се реобмисли пристапот на државата кон младите – поголеми инвестиции во образованието, поквалитетно образование, водење сметка за младите, особено кон оние со попреченост, креирање еднакви можности за младите и еднакви можности во однос на целата територија на државата за сите млади да имаат можност да просперираат.

-Најчестата грешка што мислам дека ја правиме кога креираме политики е да размислуваме дека младите се едно исто, но нивните потреби се многу различни во зависност и од местото на живеење, од нивната општина, од можностите што ги имаат таму каде што живеат, додаде Малески.

Според податоците што ги презентираше, на пописот од  2002 година во државава имало 24 отсто млади, а во 2021 младата популација е намалена на 18 отсто што се должи на намален број на живородени деца низ годините и на иселувањето.

Согласно пописот од пред две години, намалување за 18,2 отсто има од тие што биле родени од 1992 до 2006, односно кои на пописот во 2021 имале од 29 до 15 години. Тоа значи дека 77 274 не се повеќе резиденти на државата.

Младите одлучуваат да си заминат кога имаат помеѓу 20 и 21 година. Од родените  во 2000 година, кои на пописот имале 21 година, 18,4 отсто од таа генерација веќе не се во државата, од родените во 2001 година, заминати биле 10 проценти на пописот во 2021, а од генерацијата родени во 1994 односно кои имале 27 години на пописот преклани, 30 отсто повеќе не се резиденти во државата.

-Според податоците за 2021, стапката на невработеност кај младите била 28 отсто. Повисока во регионот има единствено Косово. Тука некаде се и Србија, Црна Гора и Албанија, што укажува дека проблемот е регионален, не е само национален, рече  Малески.