Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, и претседателот на комисијата во Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности, Џељаљ Бајрами, денеска остварија средба со делегација од Државната изборна комисија (ДИК), составена од претседателот Борис Кондарко, заменик-претседателот Абдуш Демири и членовите Светлана Карапетрова и Александар Даштевски.
Двете институции се договорија да ја зајакнат меѓуинституционалната координација во рамките на своите законски надлежности за организација и следење на изборниот процес на претстојните локални избори.
Јавното обвинителство и Државната изборна комисија посветено работат за да ги овозможат сите услови за фер и ефикасен изборен процес, велат од таму.
Јавниот обвинител Коцевски ги информира претставниците на ДИК дека колегиумот на Јавното обвинителство на РСМ донесе заклучок и за овој изборен процес да се формира привремена комисија задолжена да го следи постапувањето по евентуални изборни нерегуларности поврзани со постоење кривични дела од Глава 16 од Кривичниот законик – Кривични дела против изборите и гласањето, како и други кривични дела што би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.
Комисијата ќе има задача на дневна основа да ги следи сите настани од државата поврзани со процесот на организирањето и спроведувањето на локалните избори. За оние настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за евентуални сторени изборни нерегуларности известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното основно јавно обвинителство. Во исто време ќе се дадат задолженија до основните јавни обвинителства за итно постапување, односно да формираат предмет и да ги преземат сите дејства за утврдување на сите релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик.
За претседател на комисијата е определен Џељаљ Бајрами, јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија, а ќе членуваат и по еден јавен обвинител од сите виши јавни обвинителства, како и еден јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје како основно обвинителство што покрива најголемо подрачје.
Јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите што сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, ќе може да достават поднесок/пријава до комисијата за следење изборни нерегуларности на електронската адреса [email protected], која ќе биде активна и за овој изборен процес.
Текстот Работна средба на Јавното обвинителство и ДИК во пресрет на локалните избори 2025 е превземен од МАКФАКС.