Во рамки на работната посета на Прага, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера се сретна со министерот за европски прашања Мартин Дворжак и членови на парламентарните комисии, а во понеделникот се обрати и пред студентите на Универзитетот Њујорк.

На средбата со министерот Дворжак беа разменети мислења за предизвиците на европскиот пат, при што беше нагласена цврстата посветеност на нашата држава кон реформската агенда, со цел отворање нова фаза во европскиот процес и постигнување целосно членство во ЕУ.

Во рамки на средбата со членовите на Комисијата за надворешна политика и членовите на парламентарната група за соработка со нашето Собрание, Муцунски се осврна на значењето на парламентарната дипломатија и нејзината важна улога во зајакнување на целокупните односи. Беа споделени и заложбите за понатамошно унапредување на парламентарната соработка и интензивирање на дијалогот на сите нивоа.

Во своето обраќање пред студентите на Универзитетот Њујорк во Прага, на тема „Евроинтеграцискиот процес на земјите од Западен Балкан,“ министерот Муцунски говореше за важноста од што поскоро членство на земјите од регионот во ЕУ и постигнувањата на Западен Балкан во изминатиот период. Тој потенцираше дека е неопходна предвидливост на процесот на ЕУ проширување, истакнувајќи дека должината и непредвидливоста на овој процес имаат повеќеслојно негативно влијание, вклучително и врз перцепцијата на граѓаните.

Текстот Работна посета на Муцунски во Прага: разменети мислења за предизвиците на европскиот пат е превземен од МАКФАКС.