За само пет часа, цела армија помошен персонал ќе треба да ја подготват Белата куќа за новите станари, двојката Џо и Џил Бајден. Претседателот во заминување Доналд Трамп се очекува да се исели околу 8 часот наутро, по локално време, а потоа ќе почне комплицирана операција за чистење и подготвување на бројни простории во Белата куќа за новиот претседател и неговата сопруга.
Додека тоа се прави, Трамп ќе отпатува во новиот дом во Мар-а-Лаго, кој е веќе подготвен за него, кој специјално за таа пригода купи нов 60-инчен телевизор и симулатор вреден 50.000 американски долари. Покрај тоа, за Флорида е испратена колекција на костуми како и багажот на Меланија Трамп спакуван во луксузни куфери од Луј Витон.
Секоја промена на станарите во Белата куќа е комплицирана операција, но оваа сега е уште поголема затоа што семејството Трамп не ја следеше вообичаената процедура. Имено, вообичаено е семејството кое ја напушта Белата куќа да ги покани оние кои се пред влез на разгледувње, а тоа особено важи за првите дами. Меланија Трамп не го следеше тој обичај, па затоа нема покана за г-ѓа Бајден да го разгледа нејзиниот иден дом.
Предметите на Доналд Трамп и Меланија се веќе спакувани и чекаат пред Белата куќа да бидат пренесени до Палм Бич. Кога се ќе биде извадено, а тоа ќе биде денеска наутро, започнува голема акција за чистење, така што Џо и Џил Бајден ќе може да влезат во чистите простории и да ја стават храната во фрижидер. Ова е вообичаена процедура на секои четири или осум години, во зависност од тоа колку долго претседателот е во Белата куќа, а се пресметува дека на тим што го прави ова и во кој има 90 луѓе, му требаат неколку часа за темелно чистење.
Оваа година, сето тоа е уште покомплицирано поради посебните мерки околу коронавирусот, а Анита МекБриџ, која беше шеф на кабинет на Лора Буш, рече дека тоа е секогаш хаотично, без разлика што се се знае однапред. Работите што доаѓаат со семејството Бајден ќе стојат во комбиња се додека новиот претседател не положи заклетва. Дотогаш нема истоварување, иако многу е веќе донесено пред Белата куќа. Некои од работите се чуваат во магацини, а некои ќе бидат донесени во следните денови кога Бајден веќе ќе се пресели. Пресметано е дека г-ѓа и господин Бајден ќе можат да кажат дека се „во нивната куќа“ веќе денеска доцна попладне, бидејќи вработените ќе се обидат целосно да организираат барем неколку соби.
Досега, Бајден не го обиколи вториот кат, кој има 16 соби и шест бањи, каде што ќе живеат во иднина. Секако, Бајден добро ја познава Белата куќа уште од времето кога беше потпретседател и кога таму живееше семејството на Барак Обама, но сега се е поинаку. Секое претседателско семејство ги прилагодува просториите на Белата куќа за себе, а така беше и со Трамп-ови. Доколку односите не беа напнати и Трамп не беснееше од моментот кога ги загуби изборите, ќе беше логично Бајден да биде поканет да ги види просториите во кои ќе живее, како што Мишел Обама, на покана на г-ѓа Буш, двапати ја разгледа Белата куќа пред да се пресели во таму.
Традиционалното кафе на поранешната и идна прва дама годинава недостасува. Така, нема состанок на г-ѓа Бајден со готвачите и постојаниот персонал, ниту пак тој љубезен разговор на две жени. Единствено што е познато е дека Меланија веќе подолго време се подготвуваше да се исели, заедно со нејзиниот син Барон, додека Трамп им кажуваше на сите дека е победник и дека нема да се отсели.
Сепак, преодниот тим на Џо Бајден бил во контакт со соработниците на Трамп, но не се познати детали за тоа што разговарале и за што се договориле.
Постои и голем страв од вирусот, па дури имаше и предлози претседателот да не се пресели веднаш во Белата куќа, туку просториите да бидат темелно исчистени со денови. Така, советниците на новиот претседател сакаа семејството Бајден да ги помине своите први денови во блискиот пансион, но тоа на крајот беше одбиено затоа што ќе беше комплицирано и од безбедносни причини.
Отпрвин, Бајден ќе ги донесат само најважните работи во Белата куќа, а вистинското уредување на собите ќе започне подоцна. Г-ѓа Бајден ќе го каже главниот збор тука, бидејќи претседателот ќе се занимава со многу други работи. Њујорк Тајмс цитира многумина кои инаку се грижеа за аранжманот на Белата куќа и сега тврдат дека на сите им требаат денови, да направат кревети, да наместат спални соби, а потоа да следат детален аранжман што вклучува и поставување уметнички предмети.
Бидејќи инаугурацијата ќе трае пократко оваа година, се очекува семејството Бајден да дојде порано во Белата куќа.
Оваа година нема парада или празничен ручек, па сето ова ќе го скрати времето за реновирање на Белата куќа.
Самиот Трамп дополнително го комплицираше сето ова, бидејќи не толку одамна се сметаше дека ќе се забарикадира во Белата куќа. Претседателите кои имаа два мандата точно знаеја кога заминуваат, можеа да планираат се порано, а овојпат тоа не беше случај.
Трамп не сакаше ниту да учествува во процесот на пакување, за разлика од Бил Клинтон кој ги состави работите заедно со неговите батлери на последниот ден. Активно учествуваше во иселувањето и Барак Обама, кој заедно со неговата сопруга Мишел стави се што остава од Белата куќа во кутии.
Не е јасно дали Трамп ќе се збогува со вработените во Белата куќа, бидејќи е познато дека тој немал хармоничен однос со нив. Сите само се надеваат дека ќе излезат и пред осум часот, така што ќе има повеќе време за расчистување.
Со Бајден ќе биде полесно, бидејќи тие добро ги познаваат персоналот и Белата куќа и тие се многу помалку комплицирани од оние со Трамп.
Бајден исто така имаше многу добри односи со персоналот додека беше потпретседател, и со неговиот и со персоналот што се грижеше за претседателот Обама, така што ова сигурно ќе продолжи и сега.
Овој пат нема да има разговори меѓу претседателот во заминување и претседателот што доаѓа, исто како што Трамп нема да биде на инаугурацијата. Кога се пресели во Белата куќа, тој имаше долг разговор со Барак Обама во Овалната канцеларија, што траеше 90 минути.