Рускиот претседател Владимир Путин изјави денеска дека западната моќ опаѓа бидејќи агресивниот обид да се изолира Русија со санкции ја уништува глобалната економија во време кога Азија се издигнува.
САД и сојузниците ги воведоа најтешките санкции во модерната историја кон Русија поради, како што рече Путин, специјална воена операција во Украина. Путин вели дека санкциите се слични на објавување економска војна.
На Источниот економски форум во рускиот град Владивосток, Путин рече дека западните санкции против Русија ја замениле пандемијата на Ковид-19 како главна закана за глобалната економија.
„ Зборувам за санкциите на Западот, неговите дрски, агресивни обиди да им наметне модели на однесување на другите земји, да им го одземе суверенитетот и да ги подложи на нивната волја. Во обид да се спротивстават на текот на историјата, западните земји ги поткопуваат клучните столбови на светскиот економски систем изграден со векови“, рече Путин, додавајќи дека довербата во доларот, еврото и фунтата паѓа.
Обидот на Западот економски да ја изолира Русија, еден од најголемите светски производители на природни ресурси, ја турна глобалната економија во непознати води со постојано зголемување на цените на храната и енергијата.
Путин го обвини Западот дека се обидува да ја наметне својата волја на светот, но додаде дека неговата моќ опаѓа бидејќи фокусот на глобалниот раст сега е во Азија.
„ Имаше неповратни, па дури и тектонски промени во меѓународните односи“, рече Путин. „ Улогата на динамични, перспективни земји и региони во светот, пред се на азиско-пацифичкиот регион, значително порасна“, истакна рускиот претседател.
На форумот беше и претседателот на кинескиот парламент Ли Жаншу, трет по ранг функционер на кинеската Комунистичка партија. Путин рече дека Кина ќе му плати на „Гаспром“ за гас во национални валути, врз основа на поделба од 50 до 50 на руски рубљи и кинески јуани.
Путин рече дека руската економија се справува со „финансиската и технолошката агресија од Запад“, но призна дека има потешкотии во некои индустрии и региони./Makfax