Рускиот претседател Владимир Путин изрази увереност во победа во војната во Украина. Целите на „специјалната операција“ ќе бидат исполнети, во тоа не постои никаков сомнеж, тие се апсолутно јасни и благородни, изјавил Путин за време на посетата на космодромот „Восточни“ на крајниот исток на земјата, како што пренесува руската агенција Интерфакс.
Путин ја оправдал одлуката за инвазија врз Украина од пред седум недели како „безалтернативна“, тврдејќи дека операцијата е во корист на руската безбедност: „Ние немавме друг избор, конфликтот со антируските сили во Украина беше само прашање на време“.
„Русија не сака да се изолира и нема да дозволи да биде изолирана”
Многу меѓународни експерти го обвинуваат шефот на Кремљ дека заштитата на руското малцинство во Украина ја искористи само како изговор за војната. Путин истакнал дека Русија не сака да се изолира од остатокот од светот, а тоа нема да бидат во можност да го направат ни санкциите кои Западот ги воведе поради руската инвазија.