Рускиот претседател Владимир Путин му се извини на израелскиот премиер Нафтали Бенет за неодамнешната скандалозна изјава на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Рускиот министер за надворешни работи во интервју за италијанска телевизија во неделата изјави дека нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер има еврејски корени, додавајќи дека „најжестоките антисемитисти обично се Евреи“.
Следуваше бесна реакција на Израел. Шефот на израелската дипломатија изјавата на Лавров ја нарече „непростлива и скандалозна“, а на разговор беше поканет и рускиот амбасадор во Израел. Израел притоа побара извинување од Русија.
Според израелскиот новинар Барак Равид, повикувајќи се на соопштение од кабинетот на израелскиот премиер, Владимир Путин денеска му се извини на израелскиот премиер Нафтали Бенет за изјавите на Сергеј Лавров.