Рускиот претседател Владимир Путин денеска упати честитки до Џо Бајден за победата на претседателските избори во САД, откако кандидатот на демократите доби поддршка и при гласањето на Електорскиот колеџ што и официјално го одредува претседателот на САД, соопшти Кремљ.

Кремљ претходно истакна дека ќе ги чека официјалните резултати од изборите пред да коментира за нивниот исход, дури и откако другите држави му ја честитаа победата на Бајден во деновите по гласањето на 3 ноември.

– Подготвен сум за соработка и контакт со вас, ја цитира Кремљ изјавата на Путин.

– Путин му посака успех на избраниот претседател и изрази уверување дека Русија и САД, кои имаат посебна одговорност за глобалната безбедност и стабилност, и покрај разликите, можат навистина да помогнат во решавањето на многуте проблеми и предизвици со кои се соочува светот, соопшти Кремљ.