Откако вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски на Фејсбук се пофали дека запленил четири и пол тони путер со поминат рок и заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство производот го повлекле од пазарот, на социјалните мрежи зовре од реакции. Ваквата борба против корупцијата граѓаните ја поздравија со доза на иронија.
– Advertisement –
Ова се само дел од коментарите на социјалните мрежи преку кои многу граѓани, како што велат, сè уште ја чекаат вистинската борба против најавата за офанзива против корупцијата. За ситуацијата да биде уште посаркастична, придонесе соопштението на Агенцијата за храна. Имено, оттаму објавија дека не станува збор за заплена на над четири тони расипан путер, туку за само 30 килограми.
Агенцијата за храна и ветеринарство ги информира потрошувачите дека операторот со храна увозник и дистрибутер Евро Млекара ДООЕЛ Скопје, на 11.03.2021 година извести дека постапи по решението … од 10.03.2021 на инспектор и од пазарот истиот ден отповика производ путер во пакување од 25 килограми во блокови и 5 килограми во канти – велат од Агенција за храна и ветеринарство.
На акцијата за заплена на путерот реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Велат Љупчо Николовски да си ја заслужи платата и да се позанимава со решавање на сериозен криминал и корупција.
Државата тоне во криминал, корупција и рецесија, а „путерот Љупчо Николовски“ ја дефокусира јавноста со банални заплени на 30 килограми путер – изјави Наум Стоилковски портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Пред десетина дена Љупчо Николовски го објави планот на владата за борба против корупцијата. Инаку, на последното рангирање на индексот за корупција Македонија се најде на 111 место во светот, а тоа за земјава е најлошиот резултат досега.
Иле Петревски