Редовното консумирање лешници го продолжува животниот век за 20 проценти. Лешникот е храна за мозокот, го зголемува имунитетот, позитивно дејствува на кожата, коските, срцето, а помага и за одржување на физичката и менталната кондиција. Токму поради делотворните својства на лешникот, Бошко Нелкоски добил идеја за почнување семеен бизнис. Најпрво младиот Нелкоски од струшкото село Драслајца почнал со насади од лешници, а потоа воден од светските трендови се насочува и кон нивна преработка. Најбитен дел во производството му е квалитетот. Секој лешник се прегледува рачно за поголема сигурност и безбедност.
За тоа дека лешникот е храна за умот, говори и легендата од прадедото на Бошко, Спасе, од каде што ја добива и идејата за брендот ЗАУМ.
– Дедо Спасе беше човек што го пропатувал целиот свет, но копнежот по родниот крај го вратил во Драслајца. Тој во својата градина меѓу другите дрвја имал и пет лески, кои му биле омилени. Авантурите од неговите патувања до доцна во ноќите им ги раскажувал на своите соселани. И често знаел да каже дека лешникот му го чува умот, затоа и ги паметел и ги раскажувал доживувањата. Велел дека лешник јаде за ум. Од приказната што во семејството се пренесува повеќе од 150 години ја добивме идејата за брендот ЗАУМ, истакна Бошко, правнукот на дедо Спасе.
Легендата за дедо Спасе е пренесена и на пакувањата од лешници.
Одгледувањето лешници вековна традиција кај Нелкоски
Одгледувањето лешници и нивното консумирање повеќе од еден век е традиција во семејството Нелкоски. Бошко вели дека лешниковите дрвја имале традиција во семејството од околу 120 години. Лешникот го употребувале како свежа храна, но го додавале и во ракија, во леб, како и во друга храна.
Приказната на „Нелкоски органик“ почнува пред 10-тина години, кога Бошко ги засадил првите насади на површина од пет хектари. Првично идејата била да произведува, односно да продава сиров лешник, но по престојот во странство, кога видел дека многу се користат производи од лешник, почнал консултации со експерти за проширување на бизнисот. Покрај свеж и печен лешник, прв производ во палетата бил 100-процентниот путер од лешник, а сега прави и лешник со мед, чоконамаз и лешник со мед и какао. За да ја искористи делотворната моќ на лешникот, Бошко за брзо планира да почне со производство и на козметика и пијалаци.
Сега има два погони, едниот е за првична преработка, а вториот за фина обработка, како и површина од 11 хектари со лешници, кои ги исполнуваат сите стандарди за органско производство.
– Побаравме помош од Холандската амбасада во Скопје, добивме експерт, кој дојде и ни помогна како да се развива лешникарството и што можеме да направиме со продуктите.
Имавме посета и во Холандија и видовме дека путерот од лешник е секојдневно на нивната трпеза и е многу полезен пред сè за здравјето, за умот, за спортисти, се наврати Нелкоски на почетоците.
Поради сè поголемиот интерес за органски производи, набргу почнал да го трансформира земјиштето од конвенционално во органско и од 2015 година е целосно органско.
– Како индивидуален земјоделец, многу тешко се функционира со продажба, па затоа направивме компанија, „Нелкоски органик фуд“, која почна со прочистување и кршење на лешникот, како и негова делумна преработка, вели Бошко.
Органски производи по светски стандарди
Производите ги исполнуваат сите стандарди за органско производство. Компанијата „Нелкоски органик“ освен ХАСАП поседува и дел од европските стандарди, како ИСО 22000, ИФС, ЕУ-органик, ХАЛАЛ и Биосвис за швајцарскиот пазар. За производство на нивните путери ги избираат најдобрите лешници, а потоа ги обработуваат со посебно внимание и љубов.
– Имаме палета на стандарди, со која стануваме препознатливи дека нашиот производ се прави со сите светски стандарди. За производство на нашите путери ги избираме најдобрите лешници. Сè се прави во еден ден. Најпрво ги кршиме лешниците, потоа се прочистуваат рачно, се печат, се ладат и се прави путер. Зошто во еден ден? Затоа што тоа е единствен начин маслата и квалитетот на лешникот да бидат зачувани. Други производители вообичаено лешникот го кршат и го ставаат во големи фрижидери и по потреба го обработуваат. Но така се губат голем дел од мастите, кои помагаат за кожа, тело и сè, раскажува Нелкоски.
За производство на путерот со мед и лешник, имаат соработка со пчелар од Овчеполието, кој произведува органски мед само за нив. И начинот на печење на лешникот, вели дека е делумно различен од другите производители.
– Користиме традиционално печење со кој дел од лушпата останува и се задржуваат значајни материи. Затоа нашиот лешник има различен вкус од другите лешници на пазарот. Најчесто за путерот се користат остатоци од лешник, кои се печат, се мелат и се обработуваат, но кај нас е поинаку. Ние сакаме да го направиме најдобриот путер од лешници во Европа, а тоа го потврдува и позитивниот фидбек од сите партнери, гордо нагласува Бошко.
Најпродаван производ од брендот ЗАУМ е 100-процентниот путер од лешник, а тој, како и другите производи, може да се најде во продавниците за здрава храна, во дел од поголемите маркети и на веб-продавницата www.zaumorganic.com. Покрај на македонскиот пазар, производите на „Нелкоски органик фуд“ се наоѓаат на германскиот, австрискиот, швајцарскиот, српскиот, словенечкиот, а во подготовки се и за данскиот пазар. Компанијата работи и за приватни брендови, за други компании што имаат свои производи, како за македонскиот така и за странските пазари.
Органско производство по биосвис-стандард
За да го исполнат биосвис-стандардот седум отсто од целата територија на насади ја оставаат за природата. Тие делови се оставаат самостојно, што ќе порасне, тоа ќе остане да вирее.
– На тој начин ги поддржуваме биоразновидноста и одржливоста. Струја користиме од сопствена фотоволтаична централа, со што сакаме да оставиме нула загадување и што помалку штета на локалната средина. Отпадот го користиме за преработка и го ставаме на лешниковите насади, појасни Нелкоски.
Прашан каде се гледа за 10 години, Бошко се наврати на интервју дадено на самите почетоци во 2015 година, кога кажал дека еден ден ќе произведува нешто без шеќери и штетни компоненти, што ќе е поквалитетно од нутелата.
– Денес веќе произведуваме нешто, не на глобално ниво, но сепак сме задоволни од она што го правиме. За 10 години се гледаме како центар, кој ќе врши поддршка на органски производители на лешник и ќе обезбеди откуп за најмалку 50 производители во регионот, очекува Нелкоски, кој секоја година го зголемува производството.
Минатата година „Нелкоски органик“ произвеле седум-осум тони лешници и нивни преработки, а годинава тоа било двојно зголемено, односно очекува околу 15 тони.
Извор: МИА