Денес го пуштаме во употреба експресниот пат Фариш- Дреново, во должина од 10,2 километри, со вредност од речиси 45 милиони евра- проект што е директна инвестиција во развојот, безбедноста и иднината на овој регион, на државата, на секој граѓанин, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.

Тој додаде дека овој пат е од витално значење и за Кавадарци, и за Прилеп, и за Битола, и за Ресен, и за сите општини од Пелагонија.

„Овие пари, како во минатото, по принципот како до сега, не завршија во нечии џебови, не исчезнаа во провизии, тендери и фиктивни договори. Туку се тука, пред вас. Во асфалтот. Во оваа делница. Во реални, опипливи дела. Дојде време кога државата не е банкомат за моќници, туку мотор на развојот. Дојде време кога проектите не се рекламираат на хартија, туку се градат на терен. Дојде време кога парите од граѓаните- се враќаат назад кај граѓаните, преку проекти, патишта, училишта, фабрики“, рече Мицкоски.

Додаде дека патот Фариш- Дреново, не е само обичен пат туку тој е и порака.

„Порака дека можеме поинаку. Порака дека ако се сака- се може. И доказ дека Македонија нема да биде вечно во застој ако што беше изминатите седум години, туку цврсто граби на патот кон напредокот. Граѓаните имаат очекувања. И ние тие очекувања нема да ги изневериме“, рече Мицкоски.