Најбогатиот човек на светот, Илон Макс, го комплетираше купувањето на Твитер за 44 милијарди долари.
Една од неговите први пораки кои ги напиша на платформата по преземањето беше „Птицата е слободна“, алудирајќи на заштитниот знак на Твитер.
Неколку од досегашните директори на социјалната мрежа, меѓу нив и извршниот директор Параг Агравал, веднаш добија откази.
the bird is freed
— Elon Musk (@elonmusk) October 28, 2022
Со ова се става крај на неизвесноста за тоа дали за купувањето на Твитер ќе се оди на суд, откако милијардерот првично прифати да ја преземе платформата, но потоа се обидуваше да се повлече од процесот.
Компанијата Твитер засега го нема потврдено новото сопствеништво, но еден од инвеститорите за Би-Би-Си потврдил дека договорот е комплетиран.
Маск рече дека одлучил да го купи Твитер за „да помогне на човештвото“ и дека сака „цивилизацијата да има заеднички дигитален јавен простор“.
„Во моментов постои голема опасност дека социјалните медиуми ќе се поделат во крајно-десничарски и крајно-левичарски крила на ехо-комори кои генерираат уште повеќе омраза и го делат нашето општество. Во бескрупулозната потрага по кликови, многу од традиционалните медиуми се приклучија кон овие поларизирачки екстреми, бидејќи веруваат дека тоа носи пари. Но, во таквиот обид, изгубена е можноста за дијалог. Токму затоа го купив Твитер. Не го направив тоа зошто ќе биде лесно, или зошто ќе направам пари. Го направив тоа за да помогнам на човештвото кое го сакам. И тоа го правам со понизност, признавајќи дека неуспехот во постигнувањето на оваа цел, и покрај нашите најдобри напори, е реална можност“, напиша Маск.
Во неговите идни планови за Твитер, Маск напиша дека вклучуваат „X, апликацијата за се`“. Дел од јавноста смета дека ваквата порака веројатно цели кон копирање на популарната кинеска апликација „WeChat“, која вклучува различни сервиси на едно место – како што се пишувањето пораки, социјални медиуми, плаќања и нарачки за храна.