Заврши реконструкцијата на хоспиталниот оддел на Универзитетската клиника за нефрологија – Скопје, со што, како што информираше денеска директорката на Клиниката, д-р Ирена Рамбабова Бушљетиќ, се заокружува комплетното реновирање на објектот.

Најголема благодарност до моите колеги, медицинари, доктори, сестри, техничари, помошен медицински персонал, што успешно ја спроведовме работата и никого не вративме од пациентите. Набавивме опрема што е за специфични пациенти, со специфична дијализа и техники, но најголем исчекор се направи во областа на трансплантација кога успеавме во најтешки услови да реновираме, но и да ја надградиме базата и првпат имаме листа на чекање на пациенти за трансплантација од починат дарител, рече Рамбабова Бушљетиќ и се заблагодари на националниот координатор за трансплантација, д-р Маја Мојсова и на колегите од Клиниката за урологија и нејзиниот директор, д-р Сашо Дохчев.

Клиниката во овој период изврши 26 кадаверични трансплантации и 30 трансплантации од жив дарител и тоа во услови на пандемија.

На Клиниката за нефролгија е реновирана површина од околу 750 квадратни метри каде се наоѓаат интензивните делови, делот за трансплантација и васкуларни пристапи.

Успеавме да завршиме во краток период и во период на ковид-пандемија, со буџет од самата Клиника, но и поддршка од Министерството кое го покачи буџетот, со цел да ги надминеме долговите, но и да реновираме значаен сегмент во здравствената дејност, изјави Рамбабова Бушљетиќ.

Клиниката од ноември 2020 година до февруари 2022 била ковид-оддел, каде се лекувале околу 26 пациенти со кислородна поддршка.

Министерот за здравство Беким Сали информираше дека при реконструкцијата на хоспиталниот дел е направена замена на покривниот дел, целосно е реновиран и реконструиран одделот и се набавени нови болнички кревети.

Со ова се заокружува комплетното реновирање на Клиниката, од околу 1400 квадратни метри, поделени на два ката. Реконструкцијата почна во јануари 2020 година. Во периодот на почетокот на пандемијата беше комплетно реновиран интензивниот дел, каде се наоѓа интензивната нега, салата за васкуларни пристапи, делот за акутна хемодијализа, делот за хронична хемодијализа и одделот за трансплантација на бубрег, изјави Сали.

Тој додаде дека целосно е заменета апаратурата и има нови апарати за дијализа, од кои дел се обезбедени од буџетот на Клиниката, а дел од Министерството. Целосно е заменета опремата во салата за васкуларни пристапи, набавен е нов ЕХО апарат, а има и нов инвентар за болничките соби, како и за персоналот на Клиниката.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.