Првото бебе во Куманово е девојче, родено вчера во попладневните часови, прво дете на семејството Љатифи. Денеска од името на општина Куманово, на директорот на Општа Болница, д-р Снежана Захариева ѝ беа врачени пригодни подароци, наменети за мајката Фатуше Љатифи и новороденчето.
Директорката на болницата Снежана Захариева и посака добро здравје на мајката и новороденчето и на кумановци.
Можеме само да им посакаме и на мајката и на детето да бидат многу среќни, со добро здравје и да имаат многу убави моменти во 2021 година. Истото ќе го посакам и на сите наши сограѓани, да бидат со добро здравје, да имаат многу убави моменти во 2021 година, да не заборавиме што оставаме зад нас, но и да се потсетиме дека изминатата година не беше само со лоши работи. И покрај пандемијата што буквално ни ги преокупираше животите, а нам, медицинските работници ни го смени текот на севкупната работа, ќе кажам дека во текот на изминатата година имавме прилика да видиме и нешто добро, а тоа е човечката солидарност и поставување во прв план на човечките вредности. Да продолжиме, меѓусебе да си помагаме и почитуваме, изјави Захариева.
На одделението за гинекологија и акушерство родени се уште две бебиња, а наскоро се очекува уште едно новороденче. На подарок од општината, новороденчето доби штедна книшка и пригодни подароци, кои поради пандемијата годинава не го врачи лично градоначалникот Максим Димитриевски, туку тоа во негово име го сторија вработените во болницата.
Првото новороденче во 2021 година во Кочани се роди утринава, на Акушерското одделение во Општата болница со проширена дејност. Тоа е синот на осумнаесетгодишната Фатиме Велиова, кој е и нејзина прва рожба.
Првото новороденче во нашата болница се роди утрово по 4 часот, а породувањето на младата мајка помина без никакви проблеми. Се работи за здраво машко бебе со тежина од 3,3 килограми и должина од 51 сантиметар и во моментов и тоа и мајката се чувствуваат добро. Се надеваме дека годинава што ни претстои ќе биде побериќетна – изјави Фонзи Јуруков, раководител на Акушерското одделение во Кочани.
Од Болницата истакнаа дека во текот на 2020 година имало вкупно 150 породувања што е извесно зголемување во однос на претходната година.
Поминавме тешка година поради состојбата со Ковид-19, но и покрај тоа успеавме да одговориме на предизвиците. Имавме одлична соработка и поддршка од Општина Кочани, како и од Министерството за здравство, при што правиме заеднички напори за подобрување на техничко-кадровските капацитети на нашата здравствена институција – соопшти Александар Серафимов, директор на Општата болница.
Вообичаената посета на првото новороденче од страна на градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, се реализираше со почитување на протоколите за здравствена заштита, при што подароците наменети за мајката и новороденото Илијев им ги предаде на дежурните во Акушерското одделение.
Денеска го добивме првото новороденче во Кочани, честитки до персоналот кој се грижеше и го изврши породувањето во најдобар ред, честитки до семејството, да биде живо, здраво и среќно и посакувам оваа година да продолжи во овој дух, да ја надминеме кризната состојба и да имаме што повеќе вакви убави моменти – посака градоначалникот Илијев.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.