Во синоќешното издание на емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, министерот за економија Крешник Бектеши, кој до скоро велеше дека ако се остварат плановите за производство на струја од Електрани на Северна Македонија, ќе нема зголемување на цената за домаќинставата од 1 јануари 2023 година, сега зборува за минимално поскапување.
-Ако се исполни планот за производство од страна на ЕСМ до крајот на оваа година, не очекувам да има големо зголемување на цената на електричната енергија од 1 јануари следната година, рече тој.
За забелешките од Регулаторната комисија за енергетика дека Владата треба уште еднаш да размисли за одлуката за зголемување на ДДВ-то за струјата за домаќинствата од 5 на 10 % од Нова година, Бектеши рече дека нема потреба да се прават дополнителни анализи, имајќи предвид дека веќе осмислуваат и други мерки со кои ќе им излезат во пресрет на граѓаните, особено на оние што имаат најмногу потреба.