Во Кривичниот основен суд во Скопје денеска треба да почне судењето на кардиохирургот Жан Митрев и неговата приватна болница.

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик.

Советот за оценка на обвинителниот акт на 13 февруари го одобри во целост обвинението и за денеска го закжа првото рочиште.

„Не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист“, информираа од ОЈО Скопје.

Во текот на постапката, како што информирааат од ОЈО Скопје, јавниот обвинител обезбедил докази за поткрепа на основаните сомненија дека обвинетиот, во периодот од јуни 2020 година до јуни 2022 година, со намера за правното лице – приватна здравствена установа да прибави значителна противправна имотна корист, со прикривање факти ги довел во заблуда оштетените пациенти лекувани во болницата од Ковид – 19, кај кои е извршена хемофилтрација и членови на нивните семејства, со што ги навел секој од нив да стори штета на својот имот во различни износи, а во вкупен износ од 97.461.600 денари или 1,57 милиони евра.

Жан Митрев уверува дека е невин и тврди дека не бил измамен ниту еден пациент.

Предметот е оформен по допрен глас, откако ИРЛ минатата година го објави документарец „Нечиста крв“, во кој обелодени дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми на пари за хемофилитрација при лечење од Ковид -19, по по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.