Во вторник и среда, 19 и 20 август, ќе се одржи првото пријавување за упис во прва година додипломски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје за академската 2025/2026 година.
Според Конкурсот на УКИМ, на 23-те факултети има вкупно 9719 слободни места, од кои 4683 за редовни студенти во државната квота, 4081 за редовни со кофинансирање, и 955 за вонредни студенти.
Како и во претходните години, најмногу слободни места има на:
Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ (1020)
Природно-математички факултет (910)
Филозофски факултет (880)
Филолошки факултет (810)
Медицински факултет (760)
Економски факултет (700)
Правен факултет (610)
Факултет за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ (590)
Цената на партиципацијата ќе изнесува 200 евра за редовните студенти кои се финансираат од државниот буџет, а 400 евра за студентите со кофинансирање и за вонредните студенти.
„Во објавениот Конкурс на УКИМ се наведени условите и критериумите за запишување, роковите, потребните документи и начинот на аплицирање.“
Пред пријавувањето, секој кандидат треба да се регистрира на www.upisi.ukim.mk и да ја пополни електронската пријава од iKnow-системот.
По првиот уписен рок на 19 и 20 август, ќе следуваат уште два: 11 и 12 септември и 24 септември 2025 (за преостанатите слободни места).