По повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, денеска на Православниот-богословски факултет „Св. Климент Охридски“ ќе се одржат Првите Кирилометодиеви научни средби.
Научните средби се во организација на Институтот за национална историја и Православниот-богословски факултет „св. Климент Охридски“ со цел одбележување на патрониот празник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и зачувување и афирмирање на вековните македонски историски и црковни традиции.
-Нашата интенција е овој настан да прерасне во традоционален и препознатлив академски форум на кој во иднина ќе бидат засегнати прашањата од областа на кирилометодиевистиката како фундамент на македонската средновековна историја, книжевност и јазик, но и како општо цивилизациска придобивка, наведуваат организаторите.
На свеченото отварање ќе се обрати Неговото Блаженство г.г. Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва.
Свои излагања ќе имаат: проф. д-р Дејан Борисов, проф. д-р Митко Б. Панов, проф. д-р Илија Велев, доц. д-р Виктор Недески, проф. д-р Елка Јачева – Улчар и проф. д-р Анета Јовковска.
Координатор и модератор е проф. д-р Маја Ангеловска – Панова.