Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити на првата официјална посета на Тирана, денеска бил пречекан од претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
На средбата, како што соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање, претседателот Бегај му честитал на вицепремиерот Меџити за новата функција и изборниот резултат, а се разговарало за соработката на сите полиња меѓу Албанија и Северна Македонија. Односите меѓу двете земји, на средбата биле оценети како одлични, со цел континуирано проширување.
– Дискусиите се фокусираа на проекти од стратешки интерес за двете земји, како што е и Коридорот 8. Инфраструктурното поврзување и сеопфатната соработка се приоритет на новата Влада во Скопје, каде што размената на позитивни искуства, особено на полето на странските директни инвестиции, развојот на туризмот и слободното движење на граѓаните, што е камен-темелник за стабилен развој, рекол Меџити, се подвлекува во соопштението.
Тој додал дека друга клучна тема на разговорите била соработката во евроатлантските напори, процес кој бара континуирана координација и заедничка посветеност за исполнување на нашите стратешки цели.