Директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми ќе поднесе кривични пријави против обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, за злоупотреба на службената положба и фалсификување на службена исправа. Муареми брифира дека извештајот од надзорот на Обвинителството на Љубомир Јовески ги потврдува неговите обвинувања за, како што вели, незаконскиот претрес што овие обвинителки го спроведоа во Управата. Тој се сомнева во задни намери на обвинителката Русковска.

„Претресите беа тенденциозни и со единствена цел – да се наруши мојот личен углед, угледот на целата институција, да се доведат во прашање сите сегашни, а и идни постапки/предмети кои Управата ги води, а со цел да заштити нечии интереси?! Дали претресот е начин Вилма Русковска да дојде до предметите коишто Управата ги работи и да изврши директен увид во тие предмети?“, изјави Арафат Муареми – Директор на Финансиската полиција.

Инаку, Русковска го побара претресот во Управата за финансиска полиција по добиена анонимна кривична пријава, а Муареми вели дека барањето за претрес било основано само на оваа пријава, без да содржи никакви докази и аргументи и обвинува дека таа до Судот доставила лажни податоци.