Претставници на мали и средни претпријатија од Куманово, денеска имаа можност да се информираат како се трансферираат во „зелени претпријатија“, на првата средба која ја организираше невладината „ InoYouth/ИноМлади“ во Куманово во рамки на проектот „Зелена транзиција на мали и средни претпријатија во Куманово“.

– Ова е прва средба со претставници на мали и средни претпријатија кои сакаат да ги направат првите чекори во „позеленување“ на нивните компании, што значи намалување на аерозагадувањето во Куманово. Нашата цел е да се намали тоа загадување. Првата цел се фокусира на преглед на одржливи практики кај претпријатијата во Куманово, како и нивното отсуство. Ова вклучува спроведување на сеопфатна анализа и проценка на опсегот на одржливи практики кај бизнисите. Компаниите треба да ги зголемат капацитетите во однос на одржливи бизнис практики. Тука се опфатени тренинзи и едукација на сопствениците на бизнисите и нивните вработени за поими како што се енергетска ефикасност, правилно справување со отпад, и техники за намалување на загадување, вели проектниот менаџер Магдалена Спасовска.

Преку проектот треба да се зголеми бројот на одржливи иницијативи кои водат кон зелена транзиција на малите и средни претпријатија во Куманово, да се охрабрат постоечките бизниси, да се адаптираат на зелени навики и практики, и да се подигне и разбирањето на малите и средни претпријатија во Куманово за важноста на зелена транзиција и нејзината директна поврзаност со чист воздух.

Мила Арсовска од „InoYouth/ИноМлади“ вели дека организацијата се стреми да ги подржи младите од градот и да ги поттикне за иновации и креативност и преку идеи да реализираат „зелени“ проекти со поддршка од организацијата.

– Ги таргетираме претпријатијата предводени од млади претприемачи и оние водени од жени, изјави Арсовска.

Малите и средни претпријатија ќе се обучат, ќе стекнат бизнис практики за воведување енергетска ефикасност, управување со отпад, ќе бидат информирани за достапни грантови, кредити за имплементирање на „зелените“ практики, имплементирани пилот проекти преку кои претпријатијата ќе научат и со помош на менторство ќе ги идентификуваат областите кои може да се подобрат на основа на нивните перформанси. Овој проект е дел од програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска.