Министерството за здравство на Шпанија вчера го потврди првиот смртен случај од мајмунски сипаници во земја, што е прв смртен случај во Европа и втор надвор од Африка.

Претходно Бразил го пријави првиот смртен случај од мајмунски сипаници надвор од африканскиот континент. Станува збор за 41-годишен маж, кој, како што соопшти бразилското Министерство за здравство, боледувал и од лимфом и имал ослабен имунолошки систем.

Досега во Шпанија се пријавени 4.298 случаи на мајмунски сипаници, покажуваат податоците на Националната мрежа за епидемиолошки надзор (РЕНАВЕ), пренесува шпански Мундо.

Од 3.750 случаи за кои има информации, 120 се хоспитализирани, што е 3,2 отсто, а едно лице починало што е официјално првиот смртен случај од мајмунски сипаници во земјата.

Координативниот центар за здравствени предупредувања и итни случаи вчера ги објави најновите податоци за заразени со мајмунски сипаници во Шпанија, кои покажуваат дека се заразени повеќе од 4.000 мажи и само 64 жени.

Пациентите се на возраст од десет месеци до 88 години, а просечната возраст на пациентите е 37 години.

Според овие податоци, 3.458 пациенти се мажи кои имаат сексуални односи со мажи (од 4.148 пациенти за кои се достапни овој тип на информации).

Што се однесува до начинот на пренесување на болеста, врз основа на 2.253 случаи, утврдено е дека 82,1 отсто имале близок сексуален контакт, а 10,5 отсто имале близок контакт кој не бил од сексуална природа, наведува Мундо.