Со долг аплауз и воодушевување од присутните беше поздравен настапот на монашкиот хор при Бигорскиот манастир за време на Меѓународниот фестивал на православна црковна музика што се одржува во Атина, што воедно беше и прво нивно вакво претставување во грчката престолнина, јави дописничката на МИА од Атина.
Фестивалот е под покровителство на Министерството за култура на Грција, општината Атина и атинската архиепископија и воедно станува збор за прв настап на македонски хор на ваков официјален настан кај јужниот сосед.
Присутни беа генералниот секретар од Министерството за надворешни работи на Грција, како претставник на Владата и претставник на грчкиот архиепископ Јеронимос, како и игуменот Бигориски манастир, Епископ Антаниски г. Партениј.
Отец Анатолиј одговорен за машкиот хор, во разговор со дописничката на МИА од Атина, по завршувањето на настапот изрази задоволство како од пеењето, така и од приемот на публиката.
Објасни дека учеството на првиот Меѓународен фестивал на православна црковна музика беше по покана од претседателот на Здружението на јеропсалти, односно црковни певци на периферијата Атика, поширокиот регион на Атина, Илиас Редиадис -Тумбас, а „сето тоа е со благослов на архиепископијата атинска, односно на архиепископот атински господин Јероним и со нивно покритие“ и со поддршка од Министерството за култура на Грција.
-Ова е првпат во нашата, да речам понова историја, бидејќи не сум доволно сигурен за минатото, но мислам дека првпат хор од нашата црква да присуствува на еден ваков настан, официјален настан на Грчката православна црква и сметаме дека пеењето беше доста успешно, бевме доста успешно примени од публиката, истакна отец Анатолиј за МИА.