Пругата кон Бугарија е најветуван проект од сите досегашни влади. Најновата надежна изјава доаѓа од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Најавува дека е распишан тендер за изградба на пругата до Крива Паланка. Бугарската страна се сомнева дека Северна Македонија пругата ја користи како одмазда кон Бугарија заради нејзината политика кон Скопје.

„Продолжуваме со изградба на пругата кон Бугарија. Oбјавена е тендерската постапка за изградба на пругата во двете фази од Куманово до Крива Паланка, за што во наредниот период се очекува да се избере изведувач за градежните работи“, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Тој е тринасеттиот министер за транспорт во независна Македонија кој ветува дека конечно ќе почне изградбата на пругата кон Бугарија. Инфраструктурниот проект почна да се гради во 1993 година, но остана само како ветување на секоја нова влада и секој нов министер за транспорт и врски.

Изградбата на регионалните инфраструктурни проекти е дел од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, регулирани во членот 7. Бугарската влада ја обвинува македонската дека не го почитува потпишаниот Договор во повеќе сегменти ,меѓу кои, и во делот за пробивањето на роковите за изградба на пругата.

Според меморандумот потпишан на 1 август 2017 година од тогашниот македонски министер за транспорт и врски Горан Сугаревски и неговиот бугарски колега Иваило Московски, до денеска требаше да биде готова првата фаза од македонската делница и да се работи на втората фаза чии рок за изведба е 2021 година. Трета фаза според договореното од Крива Паланка до Деве Баир требаше да биде готова до 2025 година.

Пред десетина дена македонското Министерство за надворешни работи до официјална Софија достави Акциски план за спроведување на обврските од Договорот со цел да се интензивира реализацијата на договорените проекти. За Акцискиот план на спроведување на Договорот, се уште се чека на одговор од бугарска страна.

Пругата кон Бугарија е дел од Коридорот осум кој има важна мисија – да ги спои Каспиското море, Црното море и јужниот Јадран, односно јужна Италија. Поминува преку Софија, а оттаму влегува во Македонија и преку Крива Паланка, Скопје и Струга стигнува во Албанија. Коридорот 8 завршува во пристаништето на Драч. Има патна и железничка инфраструктура од 932 километри, а заедно со пропратната транспортна инфраструктура тоа се 1,500 километри.

Трасата од Крива Паланка до бугарската граница е најтешкиот и најскапиот дел од Коридорот 8. Затоа е и најатрактивна приказна од политичко-партискиот фолклор секогаш кога треба да се дадат најголемите и најзначајните ветувања.

Реконструкцијата на пругата до Бугарија беше дел и од програмите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на последните парламентарни избори минатата година.

„На оваа пруга се градат три нови железнички станици и шест стојалишта, со што ќе се зголеми и значајно подобри железничкиот товарен сообраќај и ќе се овозможи развој на патничкиот сообраќај на градот Куманово и поголемите места Шупљи Камен, Бељаковце, Лопате, Перо Чичо, Проевце, Доброшане, Клечовце и Довезанце.“, пишуваше во програмата на СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ во својата програма „Проект обнова“  исто така вети завршување на изградбата на пругата Куманово- Бељаковце, за што даде рок до 2022 година, а делот до границата со Бугарија го најави да биде готов до 2024 година.

Сето ова го ветуваа и претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ пред избори. За првата делница Куманово -Бељаковце поранешниот поранешниот лидер Никола Груевски, во 2014 година, удри и камен темелник и најави дека ќе биде готова до 2017 година.

Во 2017 се смени власта, а новиот министер дојде од редовите на СДСМ. Горан Сугарески уште во првиот месец по назначувањето, во јули 2017 година, јави убава вест од самитот во Трст дека Македонија добила 70 милиони евра за доизградба на пругата од Бељаковце до Крива Паланка или 46 отсто од вкупната вредност на оваа делница. Во 2018 година тој најави дека обезбедиле пари и проектираше дека пругата ќе биде готова до 2025 година.

„За втората делница знаете дека е завршена проектната документација и обезбедени се 145 милиони евра, од кои 70 милиони евра се грант, а пред неколку дена заврши изготвувањето на проектната документација за третата делница од Крива Паланка до бугарската граница, каде што согласно програмата се обезбедени 60 милиони евра ИПА средства“, рече Сугаревски пред три години.

Но, една година подоцна, во 2019, Николо Бертолини, шеф на одделот за соработка при Делегацијата на ЕУ во Скопје даде разочарувачка изјава.

„Ние дадовме 70 милиони евра преку ИПА за да се комплетира железничката пруга од Скопје до Бугарија. И ова уште не е имплементирано. Згора на тоа, дадовме уште 60 милиони евра за истата пруга да продолжи, но оваа програма не напредува како што напредува. Ние ризикуваме многу, да ги изгубиме овие фондови доколку нема напредок до крајот на проектот“, рече Бертолини.

Македонската влада има рок до февруари да аплицира за нови грантови од Инвестициската рамка за Западен Балкан за проекти меѓу кои и железничкото поврзување со Република Бугарија. Од Секретаријатот за европски прашања уверуваа дека Македонија веќе располага со парите од ИПА 2 ( 2014- 2020 ) и дека во износот од 110 милиони евра се програмирани проекти од патната и железничката инфраструктира за кои што во овој период не се изгубени пари.

Железничката пруга Скопје – Ќустендил – Софија е планирана уште пред 150 години. Вкупната должина што треба да се доизгради до границата со Република Бугарија е околу 89 километри. Само за втората и третата делница треба да бидат изградени 91 мост и 32 тунели, а самиот граничен премин се наоѓа во тунелот.

„Се работи за сериозен проект од околу 600 милиони евра коишто треба да бидат наш приоритет и во наредниот период, пред се, и за развојот на добрососедските односи и за развој на инфраструктурата“, рече Бочварски на прес конференција кога даваше отчет на 100 дена влада.

Бочварски најави дека изградбата на пругата ќе биде најважниот капитален проект за оваа година, а ќе чини вкупно 600 милиони евра.

Бугарската страна се сомнева дека проектот намерно се занемарува од сите досегашни влади на Северна Македонија. Професорот Антон Панчев во интервју за магазинот Шења вели дека и покрај тоа што проектот се влече триесет години, виновници нема.

„Ако македонските власти го забавуваат или запираат проектот со цел да се одмаздат на бугарската страна, тоа ќе покаже голема политичка незрелост на владините експоненти во Скопје“, изјавил Панчев.

Тој трвди дека едно од бугарските барања во однос на Северна Македонија е обновување на градежните активности за изградба на Коридорот 8, кој опфаќа патно и железничко поврзување меѓу двете земји.

Маја Јовановска