Премиерот Димитар Ковачевски денеска во интервју за МИА изјави дека без согласност на двете страни, и на Скопје и на Софија, не може да се случи никаква промена во однос на ниту една од точките во протоколот.
На прашањето дали имал увид во овој документ, дали воопшто има усогласен протокол, кога јавноста ќе може да има увид во него, Ковачевски не даде директен одговор, но истакна дека она што е важно да се знае за протоколот е дека тој се работи на база на реципроцитет.
– Ние инсистираме на тоа. Тоа значи дека обврските или задачите кои ќе си ги поставиме ние и Бугарија како две држави, билатерално, тие важат и за двете страни. Никој нема мандат да прифаќа еднострани барања ниту пак може да дејствува по нив. Реципроцитетот како принцип е основа за сѐ што се работи, рече Ковачевски.
Тој вели дека протоколот е всушност записник од состанок меѓу министерствата за надворешни работи, билатерален документ кој не ја условува преговарачката рамка.
– Всушност, протоколот воопшто не е ни споменат во преговарачката рамка. Дотолку повеќе протоколот потврдува дека тој не е поврзан и не ги условува почетокот на преговорите. Од таа причина, апелирам да не се шпекулира и за содржината и за важноста на овој документ, вели премиерот.
Додава дека историските прашања се во надлежност на Историската комисија, која, како што, изјави целосно автономно работи.
– Ние ниту се мешаме во нивната работа ниту планираме да се мешаме. Тие се професионалци и треба професионално и одговорно да си ја извршуваат работата, како и што го прават тоа и досега. Ние како Влада, како релевантни институции, по финализирањето на процесот кај Комисијата, го преземаме последниот чекор преку имплементација на претходно договореното, вели Ковачевски.
Тој додаде дека јавноста треба да е сигурна дека во сите делови од процесот се водат од државните интереси, ја почитуваат Резолуцијата на Собранието, се грижат за нашиот идентитет и македонски јазик да се заштитени и зачувани.