Поранешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Протоѓер тргна во напад кон медиумите, кои го пренесоа неговиот исказ даден на рочиштето за случајот „Плацеви на Водно“. За предметот, во кој е обвинет екс премиерот Никола Груевски и се товари дека злоупотребил 1,3 милиони евра од партиската каса за купување имот на Водно, сведочеше токму Протоѓер, кој на крајот на денот ги обвини медиумите дека го извадиле од контекст кога го пренесувале неговото сведоштво.

-Мене ми беше невообичаено бидејќи околу 2012 година ми спомна дека земал некое земјиште од 10.000 квадрати некаде на Водно. За волја на вистината, за други детали не сме разговарале. Тој беше таков човек, сакаше да беше внимателен, претпазлив и ако не сака да каже нешто не кажуваше, гласи дел од сведочењето на Протоѓер.

Сепак, во реакцијата на Протоѓер, всушност тој никаде не демантира дека во исказот кажал оти Груевски му спомнал дека купил земјиште на Водно.

За овие искажани зборови, кои како вест ги пренесоа медиумите присутни на рочиштето, Протоѓер сепак не демантира дека ги изустил, туку тврди дека се добил погрешен впечаток.

-Јавниот линч, стигматизирање, вадење од контекст на разни изјави, ставање во сосема различни рамки, нешта кои меѓудругото и мене ми се случуваа долги години, вклучително до ден денес, не е начин како да се дојде до правдата и се далеку од вистината и потсетуваат на времиња од еден друг век, реагира Протоѓер без да напомене каде конкретно медиумите не известиле професионално или пак биле тенденциозни во пренесувањето на неговиот исказ.

Со прстот вперен кон новинарите, кои дословно го пренесоа сведочењето, Протоѓер вон судницата обвини за вадење од контекст на изјава на Протоѓер од судницата, иако не ги повлече зборовите дека Груевски во даден период му спомнал дека купува плац на Водно.

Протоѓер потоа во реакцијата додава дека Груевски му спомнал и за земјиште во Сопиште, па затоа добил впечаток дека пропаднал планот за Водно.

-Со тоа и пaѓаат во вода сите обвинувања кон обвинетите, но и се докажува дека насловите во некои медиум се целосно извадени од контекст, се вели во реакцијата на поранешниот шеф на кабинет на Груевски, без да негира дека биле спомнати плацевите на Водно, што логично доведува до прашањето за што точно обвинува Протоѓер.

И неговиот поранешен шеф, Никола Груевски е уверен дека Протоѓер дал таков исказ во судницата, па на фејсбук напиша дека е неточен „оној дел од неговата изјава каде говори дека во некој момент сум му спомнал дека сум земал земјиште на Водно од 10.000 метри квадратни“.

Во „Плацеви на Водно“ бегалецот во Будимпешта е првообвинет и му се суди во отсуство, а според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, тој како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно.

Покрај Груевски обвинети се бизнисменот Орце Камчев, неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ.