Мартин Протуѓер, поранешен шеф на кабинетот на екс премиерот Никола Груевски реагираше на одредени наслови по медиумите за неговото сведочење во случајот „Плацевите на Водно“. Тој вели дека во текстовите во кои еуфорично се пренесува неговиот исказ и се кажува дека го потврдил обвинението, се целосно извадени од контекст.
Тој реагира по низата натписи дека тој наводно ја потврдил тезата на обвинителката Лиле Стефанова во случајот, сведочејќи дека Груевски лично наводно му кажал оти купил плац од 10.000 квадрати.
„Практично таквиот контекст е тотално неточен и неприфатлив. Апелирам во интерес на вистината и јавноста, да се пренесат внимателно сите аспекти од моето сведочење од причина што бев доста внимателен во изборот на зборови, токму несакајќи да се добие погрешен впечаток, а свесен за интересот на јавноста и политичкиот контекс во кој се ставаат овие сведоштва. Се со цел да се помогне на судот и јавноста да ја дознаат вистината. За жал ваквите наслови не придонесуваат во тој контекст им ги оправдуваат тврдењата дека се работи за политичка пресметка со некои од засегнатите страни на сметка на вистината“, се вели во реакцијата на Протоѓер
Апелира притоа внимателно да се прочитаат записниците од неговиот исказ и да се гледаат во контекст во кој се дадени.
„Ја сфаќам потребата од сензација, но мора да се сфати и важноста на секој напишан или искажан збор затоа што само така ќе може јавноста реално да оцени која е вистината и што всушност се случувало“, се истакнува во реакцијата.
Протоѓер предупредува на извлекување од контест на изјави, оценувајќи го за тенденциозен манир кој во одредени медиуми се практикува кога станува збор за него, но дека овојпат реагира затоа што таквите шпекулации и невистини се однесуваат и на други личности.
„Јавниот линч, стигматизирање, вадење од контекст на разни изјави, ставање во сосема различни рамки, нешта кои меѓудругото и мене ми се случуваа долги години, вклучително до ден денес, не е начин како да се дојде до правдата и се далеку од вистината и потсетуваат на времиња од еден друг век…
Јас одбрав да стојам настрана од сѐ, и дури и на најгнасните лаги против мене пласирани со години веќе, од најразлични страни, одбрав да не одговорам, свесно, и по цена цела јавност да добие сосема различен и крајно негативен впечаток за мене од тоа што вистински сум, но овојпат сакам да одговорам затоа што не се работи само за мене лично, туку и за многу други луѓе чии судбини се одлучуваат“, се истакнува во реакцијата на Протоѓер.