Илјадници луѓе, главно жени, протестираа вчера во Турција против излегувањето на нивната земја од Истанбулската конвенција, меѓународен договор за спречување на семејно насилство. Потегот веднаш беше осуден од ЕУ, САД и бројни групи за човекови права.
Демонстрантите во центарот на Истанбул носеа транспаренти како што се: „Не се откажуваме од Истанбулската Конвенција. За нас не е готово“.
Протести се одржаа во повеќе поголеми градови во Турција, меѓу кои Истанбул, Анкара и Измир.
– Турција го врати времето 10 години наназад во однос на правата на жените, истакна генералната секретарка на Амнести Интернешнл Агнес Каламард, нарекувајќи ја одлуката на Турција „несовесна и опасна порака“ бидејќи насилниците може да избегнат казни.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс изјави дека повлекувањето на Турција од конвенцијата е „длабоко разочарувачко“.
Претседателот Реџеп Тајип Ердоган го најаву повлекувањето на Турција од конвенцијата во март, а одлуката официјално стапи во сила вчера.
Турското раководство го објасни напуштањето на документот со тврдење дека тој бил киднапиран од оние кои сакале да ја „нормализираат хомосексуалноста“. Ердоган рече дека наводно некои во Турција сакаат погрешно да ја претстават одлуката како „чекор назад за државата“. – Нашата борба против насилството врз жените не започна со Истанбулската конвенција, ниту ќе заврши со нашето повлекување, вели турскиот претседател.
Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, таканаречената Истанбулската конвенција, е документ усвоен во 2011 година и потпишан од страна на 45 земји и од Европската унија. Македонските власти, по шест години од потпишувањето, во 2018 година ја ратификуваа Конвенцијата, која се смета за клучен елемент во превенција на насилството врз жените преку постигнување на де јуре и де факто еднаквост меѓу мажите и жените. Станува збор за првиот правно обврзувачки и сеопфатен меѓународен механизам за борба против насилството врз жените и семејното насилство.
Конвенцијата обезбедува детална меѓународна правна рамка за поефикасно искоренување на семејното насилство и насилството врз жените.
Ердоган ја донесе ваквата одлуката и покрај тоа што бројот на убиства на жени во Турција е зголемен во текот на изминатата деценија, а потегот предизвика лутина кај организациите за заштита на правата на жените, како и критики од ЕУ, Вашингтон и Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации, потесетува Радио Слободна Европа.
Минатата година 300 жени биле убиени во Турција од страна на нивните партнери или поранешни партнери, според Здружението за правата на жените „Да ставиме крај на убиството на жени“.
Оваа година нема тренд на опаѓање, бидејќи досега биле убиени 189 жени, според податоците на здружението.