Поголем број граѓани излегоа на протест против донесувањето на новиот Законот за учебници, со кој меѓудругото се предвидува дигитализација на учебниците.
Протестот во Скопје започна точно на пладне од пред Министерството за образование, од каде демонстрантите мирно се упатија кон Владата, а крајна цел на маршот е Собранието. Освен во главниот град, се протестира и во повеќе градови во земјава како Прилеп, Битола, Струмица, Куманово, Штип, Тетово…
А, од Министерството за образование велат:
Министерството за образование и наука целосно го легитимира правото на протест на граѓаните, затоа што е уставно загарантирано. Но сепак, причината поради која се користи ова право, не е оправдана. Апсурдно е да се протестира против дигитализација на образованието, ако се има предвид дека тоа е глобален процес кој се случува во голем број земји во светот, а Северна Македонија мора да фати чекор со современите трендови и да се приближува кон стандардите за квалитет на образование, кои ги наметнуваат развиените општества. Промените мора да се случат. Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на нивно интегрирање во системот.
ВМРО-ДПМНЕ го поддржа протестот и велат дека денешниот протест е одговор на ароганцијата на министерката Царовска. Од друга страна СДСМ вели дека ова било политички собир на ВМРО-ДПМНЕ, кој доживеал целосно фијаско.